
Земјите во светот почнале со решавање на климатските промени во 1992, на Самитот во Рио, Бразил, каде е донесен документ кој содржи план за стабилизирање на концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата, со цел да спречиме катастрофални последици на Планетата. Тој документ се вика Рамковна конвенција за климатски промени на Обединетите Нации (UNFCCC), и стапува на сила во 1994, откако го потпишале 154 земји.
По тој повод, земјите се среќаваат секоја година на Конференцијата за климатски промени (COP) за да се евалуира напредокот во борбата со климатските промени, да се разгледаат документи и договори кои се дел од процесот за намалување на емисиите на стакленичките гасови на сите држави, особено високоразвиените.
Конференцијата прв пат се одржала во 1995 во Берлин, а 20 години подоцна, во 2015 во Париз, е донесен Парискиот договор, потпишан од 197 земји, со цел ограничување на затоплување на глобалната температура под 2 ° C.
Оваа година поради пандемијата, 26тата Конференција (COP26) се одложи за наредната 2021 година и ќе се одржи во Глазгов, Обединетото Кралство. COP26 е од големо значење затоа што ќе се ревидираат активносите на земјите и ќе се бара од нив поамбициозно намалување на емисиите на стакленички гасови за да се постигне целта од Парискиот договор.
***
Оваа објава е подготвена како дел од кампањата #GoGreenForOurPlanet, во рамки на проектот Млади амбасадори за климатски промени финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.