
За време на летниот период се организираат најмногу музички фестивали кои создаваат многу отпад, најмногу од пластика за една употреба. Доколку и вие учествувате на некој настан летово, еве што може да направите за да делувате одговорно и да ја заштитите природата.
1) Спакувај се лесно
Земи повеќе памучни маички по кратки, еден пар шорцеви и еден дуксер. Капа и лесни обувки. Помалку алишта-> помалку за перење-> помалку искористена струја/детергент/вода. Понеси си го ранецот на журка или една платнена торба каде ќе си ги носиш работите кои ќе ти помогнат да ја заштитиш природата.
2) Шише, термос или чашка
На фестивалите најмногу пластика се прави од шишињата за вода или чашите за една употреба за кафе или пиво. Тука најмногу ќе ти заврши работа едно шише кое ќе си го дополнуваш со вода, или евентуално поголема чаша (од подебела пластика за повеќекратна употреба) каде ќе ти точат пиво навечер, а ќе пиеш кафе насабајле.
3) Прибор за јадење
Можеш од дома да си земеш тањир, вилушка, лажица и нож, или доколку заборавиш да го направиш тоа, барем чувај го пластичниот прибор од првото јадење и искористи го и за други оброци до крајот на фестивалот. И никако фрлање храна! Подели го јадењето со некој/а од друштвото или дај го на некој што не се дојал (сите имаме по некој таков/ва во друштво).
4) Собирај ги отпушоците
Кога ќе заврши фестивалот, совесните организатори ќе ја соберат пластиката и ѓубрето, но никогаш отпушоците. Тие најтешко се собираат а исто толку загадуваат. Искористи ја празната кутија од цигари или лименка за да ги собираш пикавците. Ако сте друштво, заедно ќе се потсетувате и побрзо ќе ја наполните. И пушачите одговорни, и земјата чиста!
5) Рециклирај
Ако веќе мораше да купиш лименка или пластично шише, барем биди зелен и фрли го во означените канти за рециклирање.
За оние кои ќе одат на Д-фест, обавезно да се пријават да бидат дел од еко-патролата на Гоу Грин и да ги поттикнат и другите на совесно и еколошко однесување на фестивали. Повеќе информации на настанот на ФБ, или пријавете се со пополнување на апликацијата.