Во рамки на проектот „Направи сам“ се отвора повик за експерти кои ќе креираат програма за ученици во основни училишта.

Програмата има за  цел да ја поттикне љубопитноста кај учениците од основните училишта за темите: климатски ромени, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, одржлив транспорт) и да ги развие нивните вештини за логика, тимска работа, вештини за градење, еколошка свест.

Во рамките на проектот „Програма “Направи сам“, ќе бидат ангажирани тројца есксперти од струките:

  • Професори за градежно образовани
  • Професори за техничко образование од основно образование
  • и дипломирани инженери.

Одлука за избор на експертите ќе направи комисијата составена од проектниот менаџер, извршниот директор и член на управен одбор.

Програмата „Направи сам“ е замислена како теоретско објаснување за макетата што ќе се гради и практична изведба со инструкции за составување на моделите. Моделите треба да се инспирирани од мерките кои треба да се преземат за да се намалат климатските промени и да се заштити животната средина, и тоа од енергетски сектор. Како пример, за мерките кои се однесуваат на енергетската ефикасност да бидат дизајнирани макети во форма на згради, куќи, индустриски објекти, и целта на учениците ќе биде да ги изградат објектите и да стават фасади, да се сменат прозорци, да се стави изолација на кровот. На почетокот на часот ќе се зборува за овие термини (фасади, прозорци, кров, надворешна обвивка на објект итн) и потоа истите и ќе се направат.

Предвидени активности:

  • изработка на работен план
  • објаснување на теоретскиот дел од програмата “Направи сам”
  • изработка на прирачник во кои графички ќе се прикажат инструкциите за составување на моделите
  • фокус група со ученици и експерти за дискутирање на програмата
  • присуство на дводневна обука за објаснување на деловите од програмата и креирање на макетите

Очекувани резултати од ангажманот на консултантите:

  1. Програма ”Направи сам” за учениците во основно образование
  2. Прирачник со објаснувања за програмата

Работен ангажман: 15 работни денови

Надоместок: На експертите за остварувањето на работните задачи ќе им бидат исплатени 17450,00 денари (бруто износ).

Временски период: 1 јануари – 31 мај 2019 година

Профил на експерт:

  • Познавања на енергетскиот сектор
  • Познавања на образовни програми за техничко и градежно образование
  • Интерес за еколошки теми како климатски промени, енергетска ефикасност, зелени работни места
  • Работа со млади луѓе (препорачливо ученици од основни училишта)
  • Тимска работа
  • Познавање на пазарот на трудот во секторот енергетска ефикасност (ќе се смета за предност)
  • Академско искуство и познавање на образовниот процес (ќе се смета за предност)
  • Способност за самоорганизација и планирање
  • Одлични комуникациски вештини

Начин на пријавување:

Доколку сте заинтересирани да се пријавите, ве молиме да ја испратите вашата биографија (CV), на следната електронска адреса:info@bidizelen.org

Краен рок за пријавување е 06.01.2019. Само кандидатите кои ќе го поминат првиот круг на селекција, ќе бидат повикани на интервју.

Зошто програмата Направи сам?

Овој проект е финансиран од Европската Унија, програмата за доделување грантови на проектот „Промени за одржливост“ финансиран од ЕУ, а спроведуван од Гоу Грин Скопје, односно Конект во партнерство со Фондација Аполонија и Центарот за даночна политика.

Најновиот, двогодишен извештај за климатски промени (Октомври, 2017) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), ги нагласува зелените работни места како „win-win-win“мерки, и констатира дека до 2035 година, би се отвориле најмалку 6,200 зелени работни места, доколку би се примениле мерките за енергетска ефикасност во згради и ниско-јаглеродно снабдување со енергија (обновливи извори и гас).

За да се одговори на оваа потреба на пазарот на трудот потребни се стручни кадри кои доаѓаат од средните стручни училишта (градежно, машинско, електро-техничко) и генерации на млади луѓе кои ќе бидат заинтересирани и мотивирани да се образуваат и прават кариери во овие сектори. Нажалост, стручното образование во Република Македонија е потценето и деградирано во однос на гимназиите – гимназиите се далеку попопуларни од стручните училишта, а тоа го покажува и Заводот за статистика од каде се гледа дека бројот на ученици кои матурираат од гимназии е неколку кратно поголем од бројот на ученици кои матурираат од средни стручни училишта.

Програмата „Направи сам“ ја адресира оваа потреба од страна на понудата на пазарот на труд, со цел да ја поттикне љубопитноста кај учениците од основните училишта за овие теми (климатски ромени, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, одржлив транспорт) и да ги развие нивните вештини за логика, тимска работа, вештини за градење, еколошка свест. Од друга страна, програмата дава можност за вклучување и на компаниите од овие сектори кои имаат потреба од стручен кадар.