Дали идејата да поминеш 10 дена во друга земја со млади од различни националности ти звучи интересно? А што ако на тоа ја додадеме и можноста да создаваш музика и уметнички дела, да пишуваш и да ја искусиш уметноста на поинаков начин?

Доколку уметноста е метод преку кој сакате да се изразувате, тогаш оваа размена е вистинска можност тоа да го направите во несекојдневна средина со луѓе од различни култури кои имаат слични стремежи како вашите. Без разлика дали се занимавате професионално со музика, поезија, ликовна уметност и фотографирање или пак тоа го правите само во слободно време, преку овој проект уметноста ќе ја доживеете и почуствувате како никогаш до сега.

Целта на младинската размена „PAMELA Evolution“ е да ги поттикне младите да ја користат уметноста на конструктивен начин – таа да претставува алатка за зближување и разбирање меѓу различните националности.
Покрај учесници од нашата држава, ќе учествуваат и млади од Шпанија, Италија, Грција, Хрватска и Германија.

Размената ќе се одржи од 28.10 до 7.11 во Остерхолз – Шармбек во близина на Бремен, Германија во рамките на Еразмус+ програмата на Европската Комисија.
Поради специфичноста на проектот, повикот е наменет за млади лица од 18 до 30 години кои се способни да комуницираат на англиски јазик и исполнуваат еден од следниве критериуми:
– 2 музичари и/или пејачи
– 2 поети (кои пишуваат било каква поезија)
– 1 заинтересиран во ликовна уметност (цртање, сликање, правење скулптури)
– 1 заинтересиран во фотографирање или снимање видеа

Организаторите ќе ги покријат трошоците за сместување и храна како и патните трошоци на учесниците до 275 евра.

Главните цели на оваа размена се:
– Да се заинтересираат и охрабрат младите да се изразуваат преку уметноста
– Да се подигне свеста за важноста на инклузија на малцинства и бегалци во општеството
– Давање алатки на младите и поттикнување да бидат активни граѓани во нивните општества и да се соочуваат со важни проблеми во заедниците во кои живеат
– Давање основни познавања на учесниците како да организираат и промовираат културни настани
– Поттикнување на младите да зборуваат за општествени проблеми преку нов и интересен пристап
– Подигање на свеста за оштествената нееднаквост во Европа

Повеќе информации за размената можете да прочитате во официјалниот инфо пакет.

Доколку сакате да бидете дел од оваа размена, пополнете ја апликацијата (линк од апликација) најдоцна до 23.08.2019, 23:59h и испратете ја на info@bidizelen.org со назнака Апликација ‘’PAMELA Evolution’’.