На 15 септември (сабота), ќе се случи најголемата акција во светот за чистење на отпадот како дел од „Let’s Do It! World“, кое е најбрзорастечкото граѓанско движење во светот, кое ги поврзува и ги охрабрува граѓаните, општините, компаниите и владите да ги исчистат своите земји од лошо управуваниот отпад. Од 2008 година, речиси 20 милиони луѓе од целиот свет се приклучија на Let’s Do it! World движењето. 15 септември 2018 година е Светски ден на чистење, кога милиони волонтери во мрежа од 150 земји ќе се обединат да го чистат светот во еден ден.

Во Република Македонија, Здружението „Гоу Грин“ ја иницира оваа граѓанска акција за чистење на отпадот целосно волонтерски и ентузијастички, знаејќи ја важноста на граѓанскиот активизам и решавањето на проблемот со отпадот.

Пријавете се и вие да организирате акција или да се приклучите на акција на чистење на letsdoit@bidizelen.org . Сите придонесуваат во акцијата со тоа што можат и со колку можат. Секој е добредојден да најде сопствени спонзори и поддржувачи на локалните акции што ќе се одржат. За да може да го евидентираме вашето учество ќе ве замолиме да ни испратите информација на letsdoit@bidizelen.org со точките на локации кои ќе се чистат, број на волонтери што се очекува, вклучени организации, фирми и поддржувачи.

Локациите за чистење ги избирате самите вие, а може да проверите дали граѓаните веќе мапирале некоја дива депонија во вашата општина на интернет страните: https://app.worldcleanupday.com/trashpoints или https://www.trashout.ngo/#TrashMAp

По акцијата, Ве молиме да ни испратите неколку фотографии од акцијата на е-пошта letsdoit@bidizelen.org како и податок за собраната количина на отпад и бројот на учесници, така што би имале сумирани податоци за целата акција кои би ги проследиле до медиумите во Република Македонија и до Let’s Do It! World движењето.

Здружението Гоу Грин ќе се погрижи за промоција на вашите акции и поттикнување на граѓани да се приклучат, преку медиумите (ТВ, весник, радио) и социјалните медиуми (фејсбук, инстаграм).

Пријавете се во поголем број и да му покажеме на светот дека и кај нас има желба и активизам за заштита на животната средина и за почиста околина без отпад.