Средношколци од СУГС Раде Јовчевски Корчагин, СЕПУГС Васил Антевски Дрен, СУГС Орце Николов и СГГУ Здравко Цветковски беа учесници на лидерскиот камп кој се одржа во Хотел Сулферино Струга од 28-31ви август.

Во текот на лидерскиот камп младите преку реални ситуации вежбаа демократија и ги споделуваа своите училишни искуства, но и истражуваа за аерозагадување и климатски промени и начините како може да се активираат во општеството.

Kористејќи ги алатките за неформално образование, младите учеа за аерозагадувањето и изворите на големото загадување кое секоја година се случува во Македонија. Во текот на семинарот, како дел од агендата беше и Драган Миловски од цементарница УСЈЕ кој зборуваше за ставовите и активностите на индустријата за намалување на аерозагадувањето. Понатака, тимот на Гоу Грин им ги претстави на средношколците начините на кои досега младите членови на Гоу Грин се активирале за проблемите во општеството.

Во текот на вториот ден, младите зборуваа за нивните проблеми и потреби во училиштата, се запознаа со своите права и се фокусираа на организирање на Биди Зелен Клубови и планирање на идните месеци.

Во следните два месеци, средношколците од овие четири училишта ќе спроведат истражување во своите училишта за потребите на младите. Ова истражување ќе послужи за пишување на младински позиции- документи во кои ќе се прикажат потребите на средношколците и кои подоцна ќе ги презентираат пред надлежни институции.

Проектот е поддржан и финансиран од германската фондација Хенрих Бол Штифтунг.