
Зајакнуваме отпорност преку образование
Под климатска акција се подразбираат активности чија крајна цел се намалување на стакленичките гасови, зајакнување на отпорноста и адаптацијата кон влијанијата од климатските промени.
Здружението Гоу Грин од своето постоење работи на образование за климатски промени и одржлив развој, подигнување на свеста за истите осбоено кај младите со подолгорочна визија дека младите ќе бидат носителите на позитивни промени и намалување и ублажување на последиците од климатските промени.
Како позначајни активности во последните пет години, ги издвојуваме:
- 2015 – кампања “GG4Climate” преку која младите се едуцираа и поднесоа барања кон носителите на одлуки за климатските промени кои ги презентираа во Париз на Конференцијата за млади во пресрет на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации
- 2016 – изготвување две академски книги, „Климатски промени и обновливи извори на енергија“ и „Пречистување отпадни води“ кои се изучуваат на Машинскиот факултет – Скопје и Техничкиот факултет – Битола.
- 2017 – изработивме Програми за слободни часови на тема Клима и енергетска ефикасност, материјали кои се користат од страна на наставниците во средните стручни училишта (електро, машински, градежно).
- 2018 – издадовме прирачник за младинско учество за еколошки промени во средните училишта
- 2019 – подготвивме Прирачник за пресметка на јаглеродниот отпечаток на училиштата, како и Петиција за воведување образование за климатски промени и енергетски ефикасни училишта.
- 2020 изработивме Истражување за застапеноста на образованието за климатски промени во основното образование, кое е основ за нашето барање за воведување на образование за климатски промени во формалното образование.
Продолжуваме со нашите заложби и вклучување на младите во процесот на донесување одлуки за климатски промени преку проектот „Млади амбасадори за климатски промени“, финансиски поддржан од Амбасадата на Велика Британија во Скопје. Целта на проектот е да се подигне свеста и знаењето на младите за меѓународната дипломатија за климатските промени, и политиките кои го регулираат ублажувањето и намалувањето на климатските промени. Истото ќе биде постигнато преку едукативна кампања на социјалните медиуми, онлајн курс за климатска дипломатија и симулација на Самитот за климатски промени на Обединетите Нации. Младите ќе изготват свои барања кон носителите на одлуки и ќе научат како да преговараат и ги застапуваат своите барања преку дијалог со институциите.