Денес во месната заедница во населбата Лисиче се одржа јавен настан на кој се одбележи
почетокот на собирањето на пластиката од домаќинствата во населба Лисиче, од страна на
неформалните собирачи на отпад.

На настанот, Здружението „Гоу Грин“ и „Ромски Бизнис Информативен Центар“, заедно со
Град Скопје и Општина Аеродром, им доделија „ХТЗ“ опрема , џамбо вреќи и видлива
идентификација на неформалните собирачи кои ќе го вршат собирање на пластиката во населбата
Лисиче. Картичките за идентификација се начин преку кој тие бидат препознаени од страна на
граѓаните како официјалните „собирачи“ на пластиката во населбата Лисиче.

„Вклучувањето на неформалните собирачи на отпад во организиран и формален систем на
собирање на отпадот од домаќинствата, поттикнува примарна селекција во домаќинствата, и во исто
време овозможува социјална и економска инклузија на оваа ранлива категорија на граѓани. Ова се
клучни процеси кои треба да го подобрат управувањето со отпад во Градот Скопје и да развијат
здрави навики кај граѓаните и свесност за правилното управување со отпадот“ – изјави Антонио
Јовановски, извршен директор на Здружението Гоу Грин.

Во текот на летото, се потпишаа спогодби за соработка со преку 300 домаќинства во
населбата Лисиче и се поделија по две ќеси за селекција на пластиката во домовите. Се селектира
„тврда“ и „ПЕТ“ пластика. Тврда пластика се однесува на амбалажниот отпад од јогурт, шампон,
детергент, лименки и слично, а „ПЕТ“ амбалажата се однесува на пластични шишиња за вода, сок,
пиво, зејтин и оцет, односно сите оние амбалажи и пакувања кои го имаат симболот, триаголник за
рециклирање. Собирањето на пластиката од домовите ќе се случува секој вторник.

„Вторник е денот кога домаќините ќе треба да ја предадат својата пластика на неформалните
собирачи на отпад кои со видлива идентификација ќе одат од куќа во куќа и ќе го вршат собирањето.
Се надеваме дека неформалните собирачи ќе бидат прифатени позитивно и со доверба од страна на
домаќините бидејќи тоа ќе биде од клучно значење за акцијата да биде успешна“ – изјави Зоран
Димов од Здружението „Ромски Бизнис Информативен Центар“.

„Се надеваме дека граѓаните на Град Скопје, конкретно на населбата Лисиче, позитивно ќе ја
прифатат оваа акција и одговорно ќе ја селектираат својата пластика во домовите. Со тоа ќе подобри
управувањето со отпадот на ниво на Град Скопје, ќе се овозможи вклучување на неформалните
собирачи на отпад во системот, а воедно и ќе се намали аерозагадувањето кое е предизвикано од
отпадот.– изјави претставникот од Град Скопје.

Проектот „Ја собираме пластиката од дома“ е финансиски поддржан од Градот Скопје, во
имплементација на здружението „Гоу Грин“ и „Ромски Бизнис информативен центар“. Општината
Аеродром со своите капацитети активно ја поддржува имплементацијата на проектот.