
На 20.03.2018, се одржа 59тата седница на Влада на Република Македонија, која беше првата тематска седница во целост посветена на младинските политики.
На оваа седница освен ресорните институции кои ги презентираа своите младински политики и конкретните мерки кои ги преземаат во насока на подобрување на животот на младите во Македонија, беа повикани и претставници од младински организации кои ги презентираа своите препораки и мерки за младите. Претставник на еколошката младинска организација „Гоу Грин“ беше Анамарија Велиновска која зборуваше за младинските препораки во областа на животната средина односно важностa на зелените работни места. Анамарија го истакна проблемот со недоволна информираност на младите и нивната невклученост во процесите на донесување на одлуки за еколошките теми. „Гоу Грин“ препорача до Владата на РМ да формира механизам за комуникација помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт кој ќе има за цел да ги информира младите на теми поврзани со животната средина и климатските промени. и да ги вклучи во процесот на донесување на одлуки при МЖСПП.
“Зелените работни места” беше уште една од главните препораки кои Гоу Грин ги упати кон Владата на РМ. Зелените работни места се оние занимања кои придонесуваат за заштита на животната средина, намалување на аерозагадувањето, и справување со климатските промени, но кои и во исто време обезбедуваат социјална еднаквост и инклузивност. Гоу Грин истакна дека практиките на организацијата покажуваат дека е потребна меѓусекторна комуникација со цел развивање на “стратегија за зелени работни места”. Стратегијата би била од исклучително значење за попополнување на овие позиции со млад кадар што ќе придонесе кон намалување на младинската невработеност.
По заклучок на Владата, ќе се формира работна група која ќе работи на “мапирање” на зелени работни места и нивно поврзување со младинската невработеност. Во оваа работна група ќе земат учество Министерството за труд и социјална политика, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за млади и спорт како и сите други релеватни институции.
Гоу Грин продолжува да работи во насока на информирање и вклучување на младите во процесите на донесување на одлуки во сите еколошки проблеми и теми.
Ги поздравуваме напорите на Владата на РМ за подобрување на климата за младите во сите сфери на општеството. Веруваме дека отпочнување на овие процеси ќе го зголеми младинското учество во теми од животната средина и ќе придонесе за нивно ангажирање и вработување во сектори со кои ќе придонесат за заштита на животната средина, намалување на аерозагадувањето и справување со климатските промени.
Галерија: https://flic.kr/s/aHsmhkHL28