
Пред Кина…
Мрежата на членови на Гоу Грин постојано развивала млади активисти кои се први за заштита на животната средина и одржливиот развој. Марија е исто така една многуте млади луѓе кои што се дел од активностите на Гоу Грин уште од почетоците на неговото основање. Марија е студентка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а активно е вклучена во Гоу Грин уште од 2014 година.
“На почетокот од моето волонтирање во Гоу Грин бев само учесник на сите настани и активности, потоа учебната 2015/2016та година станав дел од Биди Зелен Клубот во моето училиште “Раде Јовчевски – Корчагин“ како тим лидер за едукација и започнав да преземам поголеми одговорности како организирање настани, склучување меморандуми, пишување извештаи, а со тоа и подлабого да навлегувам во начинот на функционирање на организацијата.” – вели Марија
Освен локалните и регионалните активности кои се организираат од страна на Гоу Грин, често организацијата е дел и од меѓународни соработки и проекти. Поради тоа членовите имаат можност да учествуваат на меѓународни семинари и младински размени.
Уште една интернационална програма претставува и EU-China Twining Program. Програмата е вид на размена на волонтери или вработени европските и кинеските невладини организации и целта претставува зближување на европските и кинеските невладини организации за поголема меѓусебна соработка и разбирање за тоа како другото општеството се справува со темите од кои и самото тоа е засегнато.
Програмата, која трае 4 месеци, е водена од CAN (Climate Action Network) Europe, најголемата европска коалиција за климатски промени и енергија и CANGO (China Association for NGO), најголемата кинеска коалиција за климатски промени и енергија.
Првите два месеци европските претставници одат во Кина, од кои во вториот месец од размената се организира работилница која оваа година ќе се одржи во Ченгду на која сите учесници ќе го споделат дотогашното искуство. Потоа вторите два месеци претставниците од Кина доаѓаат во Европа, каде што исто така по еден месец сите учесници се собираат на втора работилница во Брисел.
Марија смета дека е од исклучителна важност инволвираноста на општествата во процесот на раснењето на европско – кинеските односи и нивниот придонес на глобалниот социјален и еколошки развој. А оваа програма го овозможува тоа преку креирање на позитивна и пријателски настроена атмосфера со размената меѓу Кина и Европа.
Во текот на својот престој во Кина, Марија ќе биде дел од еколошка организација и ќе работи заедно со тимот на организацијата на активности поврзани со климатски промени, биодиверзитет и еколошка едукација.
“Организацијата во која што ќе волонтирам се вика Sichuan Green Foundation (SGF) и нејзини главни полиња на интерест се климатски промени, биодиверзитет, уништувањето на шумите и загадувањето. Ќе имам и работни денови во канцеларија, но и теренски денови каде што ќе имам можност да учествувам во кампања за засадување дрва на Longquan планината, потоа посета на терен за заштита на природата на Лонкси-Хонгкоу, каде што ќе има испитување на растенијата и животните и уште многу други активности, за кои редовно ќе објавувам текстови.”
Иако Марија учествувала во три меѓународни размени организирани од Гоу Грин ова ќе и биде прво волонтерско искуство на подолг период во друга земја каде што ќе работи и учествува во активности на еколошка организација. “Моментално најголем предизвик ми е тоа што за прв пат патувам сама и тоа на далечна дестинација. Никогаш до сега не сум била на друг континент, но се чувствувам повеќе возбудено од колку исплашено. Кина од секогаш ми била на мојата “bucket list” и верував дека еден ден ќе ми се оствари, но не мислев дека ќе се случи толку брзо. По природа сум голем авантурист што сака да запознава нови луѓе, да истражува нови места и да учи нови јазици и затоа со нетрпеливост очекувам што ќе ми донесе ова патување.” – ни раскажа Марија.
Марија ќе продолжи да ги објавува своите активности од ова двомесечно искуство во Кина. Сите нејзини текстови ќе бидат објавувани на блогот на веб страната на Гоу Грин www.bidizelen.org