Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина “Гоу Грин” го одбележаа “Денот на планетата Земја” со неколку активности кои опфатија едукација на најмладите од градинката ЈУДГ ОЦ “13-ти ноември”, акција за чистење “Eко патрола” на отпадот во Градскиот Парк во Скопје и акција за чистење на езерото Козјак.

Во петокот, 20 април, волонтерите на Гоу Грин одржаа кратка презентација за видови на отпад и практично им демонстрираа на децата како правилно треба да се селектира едно пластично шише. Децата на возраст од 4-6 години научија повеќе за отпадот од пластика, хартија, стакло, електронски отпад, облека и храна, ги нацртаа своите пораки за планетата Земја и засадија садници во дворот на градинката.

Понатаму, во неделата, 22 април, се случија две паралелни акции за чистење на отпадот. Едната се одвиваше во Градскиот Парк, во соработка со „Меѓународен Балкански Универзитет” кои ги приклучија своите студенти и обезбедија опрема за чистење на ѓубрето. На оваа акција се приклучија и ЈП „Паркови и зеленило“

Втората акција се одвиваше на езерото Козјак во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и граѓанската организација „ЦНВП Македонија“. На акцијата активно се приклучија и јавните институции (Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Општината Македонски Брод, Природниот резерват Јасен). Со чамци и кајаци се извлекоа стотици вреќи со амбалажен отпад од заливите, отпад кој еден дел е од посетители, дел доаѓа од реката Треска, а значителен дел е од депонијата во Кичево. Значајна поддршка на акцијата дадоа и кајакарите од „Кајак револуција“, како колективните постапувачи „Нула Отпад“ и „Пакомак“.

„Отпадот не смее да стане новата нормала во општеството. Каде и да одиме гледаме отпад, по патиштата, на планините во урбаните средини. Се наоѓаме во опасност на прифаќање на отпадот како нормална работа и не смееме да дозволиме тоа да се случи! Со овие акции сакаме да порачаме дека секој има свој удел и да ги повикуваме граѓаните да се приклучат на еко-патролата како еден вид „граѓанска полиција“ за отпад. Ги повикуваме институциите да бидат построги во санкционата политика, но и да дизајнираат стимулативни мерки за оние правни и физички лица кои го селектираат својот отпад“ – изјави Антонио Јовановски, извршен директор на Гоу Грин.