Сите млади од 15 до 29 години кои сакаат да се едуцираат, активираат и да придонесат за чист воздух и здрава животна средина  можат да станат членови на здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин – Биди Зелен“.

Кои сме ние?

Гоу Грин е здружение за одржлив развој и заштита на животната средина која активно работи во полето на младински активизам и учество, образование за климатски промени и одржлив развој, зелена економија и зелени работни места. Акциите и иницијативите на„Гоу Грин – Биди Зелен“ може да ги прегледате на веб страната, Фејсбук, Инстаграм и ЈуТуб каналот

Што значи да си член на Гоу Грин?

Членови на Гоу Грин може да станат сите граѓани на Република Македонија од 15 до 29 години кои имаат пополнето апликација и пристапница за членство и имаат платено членарина. Член на Гоу Грин може да биде и државјанин на друга земја кој живее или работи во Република Македонија. (Извадок од Правилникот за членство)

Секој член ги има следните права:  

  • Да свика состанок и зема активно учество на истите
  • Да учествува во реализација на активностите на Гоу Грин и работните групи
  • Да биде вклучен во подготовка на планот и целите на тематски работни групи
  • Да учествува во меѓународните проекти на Гоу Грин
  • Да споделува информации и поттикнува дискусија на теми кои се релевантни за работата на Гоу Грин;
  • Да предложи активност или нова иницијатива
  • Да предложи ревидирање на критериумите за членство
  • Да побара исклучување на веќе постоечки член
  • Доколку има наполнето 18 години и ги исполнува условите за активен член, има право на 1 (еден) глас на редовното годишно собрание на здружението
  • Доколку има под 18 години, и ги исполнува условите за активен член, учествува на „младинското собрание“ и има право на збор на редовното годишно собрание на здружението,
  • Има право да добие оправдание за отсуство од часови или предавања

Што правиме во Гоу Грин – Биди Зелен?

  • Активно учиме и истражување за состојбите и предизвиците со кои се соочуваме, особено во областите: аерозагадување, климатски промени, енергетика и енергетска ефикасност, транспорт, управување со отпад, младинска невработеност, образовен систем, и зелени работни места.  
  • Организираме едукативни средби и состаноци со ученици, наставници, граѓани, претставници на фирми и општини за подобрување на воздухот и животната средина,  
  • Формираме ставови и се вклучуваме во креирање на младински и еколошки политики на ниво на училиште, факултет, општина, регион и држава;
  • Учиме за политиките и законите на Европската Унија во областа на млади, образование и животна средина, и подготвуваме предлози за проекти и активности со цел зголемена свест и подготвеност за интеграција,
  • Присуствуваме на меѓународни размени, тренинзи, конференции и студиски посети во земјите од Европска Унија, преку Еразмус+ програмите.

Генералниот пристап кој Гоу Грин го има кон членството е развивање и поттикнување на лична и колективна одговорност, тимска работа, свесно учење, демократија и активизам, и развој на зелени вештини.

Како можеш да се приклучиш?

Дојди на информативен состанок, а доколку имаш прашања испрати ни ги на info@bidizelen.org.

Доколку си студент, дојди на инфо денот за студенти, на 20.02.2019 (среда) од 15.00 часот. Повеќе детали на Фејсбук настанот.

Доколку си средношколец, присуствувај на информативните состаноци во средните училишта:

  • Раде Јовчевски Корчагин – 21.02, 12:30h
  • Орце Николов – 21.02, 12:30h
  • Здравко Цветковски – 25.02

Дури и ако не си ученик на овие училишта можеш да присуствуваш на инфо-состаноците со претходна најава, со пишување мејл на info@bidizelen.org или со порака на Фејсбук страната.

ВАЖНА НАПОМЕНА: Овој повик е наменет за млади (средношколци и студенти) кои живеат во Град Скопје. Во следниот период Гоу Грин ќе отвори повик за нови членови и во други општини, како што се: Тетово, Гостивар, Куманово, Велес, Прилеп, Битола и Кичево и други. За следните повици ќе бидете дополнително информирани.