Климатските промени и загадувањето на воздухот претставуваат едни од најакутелните предизвици за сите граѓани. Особено загадувањето на воздухот во Скопје,Тетово, Велес, Прилеп, Битола и други градови низ државата претставува сериозна закана за здравјето и благосостојбата на граѓаните. Скопје неретко е најзагаден град во светот.

Една од главните причини за климатските промени и загадување на воздухоот претставува користењето на фосилни горива, особено јагленот за производство на електрична енергија. Затоа е потребна енергетска транзиција на земјата, односно замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија, со приоритет на сонцето и ветерот. Промените исто така треба да произлезат и во начинот на кој го менаџираме отпадот (фокус на селектирање и рециклирање), потоа засадување на повеќе зеленило, поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинства и станбени објекти преку фасадите и покривите, како и користење на одржлив транспорт како велосипед, тротинет, пешачење, автобус, трамвај и др.

Овие промени би значеле целосна  транзиција на државата кон зеленa економија, што би значело и отворање на голем број работни места т.н. зелени работни места. Според дефиницијата на Меѓународната организација на трудот,Зелени работни места се пристојни работни места кои придонесуваат за социјална еднаквост и зачувување, обновување и унапредување на животната средина“. Според двогодишниот извештај за климатски промени на Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ (октомври, 2017), се претпоставува дека најмалку 6200 зелени работни места ќе бидат отворени до 2035 година, а бројката би можела да достигне и до 50.000 зелени работни места[1].

Најмногу од работни места ќе се создадат во секторот на енергетска ефикасност, односно градежниот сектор (4000 работни места). За да се одговори на оваа потреба на економијата и пазарот на трудот потребни се стручни кадри и работници кои доаѓаат од стручните училишта (градежно, машинско, електро-техничко) и генерации на млади луѓе кои ќе бидат заинтересирани и мотивирани да се образуваат и прават кариери во овие сектори.

Нажалост, стручното образование во Република Македонија е потценето и деградирано во однос на гимназиите[2] – гимназиите се далеку попопуларни од стручните училишта, а тоа го покажува и Заводот за статистика од каде се гледа дека бројот на ученици кои матурираат од гимназии е неколку кратно поголем од бројот на ученици кои матурираат од средни стручни училишта.

Програмата “Направи Сам”, го адресира токму образованието, односно техничкото образование во основните училишта. Програмата се состои од три месечна програма (февруари-април 2019) и претставува курс за изработка на „зелена населба“ во која има чист воздух. Учениците кои ќе бидат дел од курсот ќе изработуваат макети и модели поврзани со енергетска ефикасност (објекти со фасади, изолација и слично), зеленило (паркови и шуми), транспорт (трамвај, велосипедски патеки), управување со отпад (селекција на отпад и центар за рециклирање). Идејата зад програмата е да ги инспирира младите основци за овие теми, и воедно да ги развијат своите практични вештини и занаети, и притоа да ги едуцира за мерките кои треба да се преземат за да живееме во „зелени населби“ со чист воздух и отпорни на климатските промени.

Програмата ќе биде во вид на двомесечен курс и пилотирањето на програмата ќе се спроведува во три основни училишта на територија на Град Скопје, и тоа „Мирче Ацев“, „Невена Георгиевска Дуња“ и „Живко Брајковски“.

Се надеваме на добар одзив од учениците, а отворени сме за соработка и со други училишта кои ќе покажат интерес. Во програмата се очекува да се вклучат и поддржат фирми од засегнатите сектори (градежен, соларен, отпад, зеленило) бидејќи токму ним ќе им биде потребна едуцирана и квалитетна работна сила за успешна имплементација на мерките и активностите за почист воздух и отпорност кон климатските промени.

Доколку сакате да дознаете повеќе информации за програмата контактирајте ја канцеларијата на Гоу Грин на 02/3122254 или на info@bidizelen.org

[1] Министерство за животна средина и просторно планирање, Втор двогодишен извештај за климатски промени, страна 51

[2] Здружение „Гоу Грин’, Заклучок од „Форумот за еколошко образование и зелени работни места“, јуни 2017

Овој проект е финансиран од Европската Унија, програмата за доделување грантови на проектот „Промени за одржливост“ финансиран од ЕУ, а спроведуван од Гоу Грин Скопје, односно Конект во партнерство со Фондација Аполонија и Центарот за даночна политика.